Eден поинаков туризам обележје за Македонија

Дегустација на вината на Вила „Дихово“, фото кредит © Slow Food Маcedonia архива

По повод-Матине во Вила Дихово во организација на Слоу Фуд Битола

Во последно време се повеќе патници намерници што доаѓаат да ја посетат Македонија не контактираат како Слоу Фуд барајќи совет и препораки за еден поинаков вид на туризам кај нас вклучително и добрата традиционална храна. Туризам каков што промовира нашето движење веќе неколку години, тивки места што ја отсликуваат нашата традиција, нашата култура, со традиционална македонска музика, храна, уредени простори, чисти, надвор од масовниот туризам. Токму таков туризам е и обележје за Македонија.Тоа што се почесто го бараат странските, а и домашните туристи е рурален туризам, за одмор, за бавна храна и опуштена атмосфера.
Група на туристи од Италија од регионот Венето при престојот во Вила Дихово кон крајот на месец јули оваа година го имаа токму тоа.

Пријатните домаќини ги пречекаа гостите во семејна атмосфера, како да се познаваат со години. Како експерти за вино и пиво, пријателите од Италија веднаш се ставија на располагање за дегустација на вината на Вила Дихово и домашното пиво подготвено од Пеце. Ги споделија заедно со членовите на Слоу Фуд Битола и останатите поканети вечерта своите видувања за Македонија, ги анализираа сите заедно вината по боја, мирис, вкус, за на крај долго сите заедно да уживаат во одличната домашно подготвена храна од семејството на Пеце.

Уште долго италијанците ќе раскажуваат за оваа незаборавно доживување во Битола и Дихово. За куќата направена од вештите раце на Пеце, целосно од дрво и камен, стара македонска архитектура, за одличната кујна на сопругата и мајката на Пеце, за преубаво уредениот двор, за одличните вина, за домашното пиво, за гостопримството на домаќините од Слоу Фуд Битола…

Секој од нас треба да се потруди да го остави истиот впечаток и да ја изградиме заедно успешната приказна за Македонија како земја на вкусна храна, вино, уредени простори, земја со долга традиција и култура, преубави пасишта и ливади, планини, езера, лулка на словенската култура и уште многу други обележја што се наш заштитен знак, само треба да ги истакнеме на најдобар можен начин. Да го оставиме масовниот туризам и желбата за брза заработувачка на некои други, а колку ќе бидат во тоа успешни, ќе ни покаже времето! Ние како Слоу Фуд сме во недоумица и не верување!

Нада Караиванова